Православен календар

Што е тоа пост и зошто постиме?

Постот е заповед Божја. Уште во Едем, Бог им заповеда на Адам и на Ева да јадат од сите дрва, освен од едно – дрвото на познанието. Значи им заповеда да постат и да не јадат од тоа дрво сè додека преку тој подвиг не станат зрели за да јадат од плодовите на тоа дрво. Меѓутоа, Адам и Ева, по наговор на ѓаволот, ја искористија својата слобода за да ја прекршат заповедта Божја и застранија од патот кон совршенството, та за нив стана невозможно да стигнат до бесмртноста и до обожението за кое беа создадени.

Од тогаш, постот се смета за главно средство за борба против ѓаволот и против сопствените слабости. Христос го нагласи значењето на постот, велејќи: „овој род со ништо не се истерува освен со пост и молитва.“

Не можеме да се нарекуваме Христијани доколку не ги држиме заповедите Божји, вклучително и оваа заповед за постот.

Да не заборавиме дека заедно со постот од храна треба да се грижиме и за постот од страстите. Во многу црковни химни и во учењето на Светите Отци, се истакнува дека постот е целосен само доколку истовремено се трудиме и за двете работа: постот од храна и постот од страстите.

Така, во поглед на храната, Црквата има предвидено што да јадеме во одредени денови и во одредени периоди. За постот, пак, од страстите, добро е секој да не постапува само според сопственото мислење, туку да се посоветува со својот духовник, т.е. со свештеникот кај кого се исповеда.

Светиот Василиј Велики за постот вели: „Не ја ограничувај добрината на постот само на воздржување во исхраната. Затоа што вистинскиот пост подразбира да не правиш ништо неправедно, да ги одврзеш врските на неправдата. Простете му на вашиот ближен за злото што ви го направи и заборавете го она што ви го должи. Вашиот пост да биде чист, без осудување и без расправии. Не може да не јадеш месо, а да го јадеш брата си. Да не пиеш вино, а да си полн со неправда. Ниту еден совет не може толку допре до душата на алчниот, колку средбата со воздржанието.“

Преподобниот Илија вели: „Некои внимаваат каква храна ќе внесат во себе, а се немарни за тоа какви зборови ќе изнесат од себе. Немаат научено да го изгонат гневот од своите срца и страстите од своето тело – како што вели проповедникот. Но, само на таков начин се соѕидува чисто срце кое Светиот Дух го обновува.“

Црквата става акцент на тоа да нè поттикне кон добродетелен и интензивен живот, ни открива дека целта на постот е богоцентрична, дека постот не е само телесна вежба која просто само треба да ја издржиме со гладување, туку дека постот треба да го разбираме како тријада: воздржување од храна, молитва и милостиња.

Како се пости?

Според видот на храната што се јаде, постојат четири вида на пост:

  1. Воздржување од јадење месо – ова се случува само во месопусната седмица, пред почетокот на Великиот пост.
  2. Воздржување од јадење месо и сите други видови храна од животинско потекло: млеко, млечни производи, јајца. Овој вид на пост се нарекува „пост на масло“, бидејќи се дозволува употреба на растително масло во храната, како и умереното конзумирање на вино и друг вид алкохол.
  3. Пост на риба – тоа е пост на масло, но се јаде и риба.
  4. Строг пост: воздржување од јадење не само на месо и храна од животинско потекло, туку и на употребата на масло во приготвувањето на храната. Кога е строг пост не се конзумира алкохол.

Кога се пости?

Во однос на времетраењето на постите разликуваме еднодневни и повеќедневни црковни пости.

Еднодневни пости

Тоа се, пред сè, секоја среда и петок во годината.

Во петок постиме затоа што на тој ден беше распнат Господ Исус Христос. Со постот во тој ден и ние го распнуваме злото во себе за да се смилува Господ на нас недостојните, како што се смилува на разбојникот распнат до него.

Во среда постиме затоа што се сеќаваме дека на тој ден еден од Неговите пријатели Го предаде во среда. И нам кои сме исто така негови пријатели, доколку сме невнимателни и не се подвизуваме, може да ни се случи да Го предадеме.

Еднодневни пости се и следниве денови:

  1. Водокрст, денот пред Богојавление (5 јануари по стар стил, односно 18 по нов календар)
  2. Отсекување на главата на свети Јован Крстител (29 август по стар стил, односно 11 септември по нов календар)
  3. Воздвижение на Чесниот Крст (14 септември по стар стил, односно 27 септември по нов календар)

Во сабота и недела никогаш не се држи строг пост, освен на Велика Сабота, која е единствената сабота кога се пости строго.

Повеќедневни пости

Повеќедневни пости се:

  1. Великата Четиресетница (Великиот Пост), кој почнува на чист понеделник, по денот на Прочка, а завршува во неделата на Воскресението Христово – Велигден. Ова е најстрогиот и најзначајниот пост во целата година. Се држи во чест на Исуса Христа и на неговото страдање за нас, луѓето. Во текот на Великиот Пост, од понеделник до петок се пости строго, додека во сабота и во недела се пости на масло. Единствено во Великата Сабота се пости без масло, и тоа е единствената сабота во годината во која се практикува строг пост. Риба се јаде на празникот Благовештение и на празникот Цветници.
  2. Божиќниот пост, кој почнува на 15 ноември (по стар стил), односно 28 ноември по нов календар, а завршува на денот Божиќ – Рождество Христово. Во текот на овој пост, во понеделник, среда и петок се пости строго, во вторник и четврток се пости на масло, а во саботите и неделите се јаде риба, сè до празникот на свети Спиридон, после кој веќе не се јаде риба.
  3. Апостолскиот пост – почнува во понеделникот, по неделата на сите светители, и трае до денот на светите апостоли Петар и Павле. Се пости на ист начин како и божиќниот пост.
  4. Богородичниот пост, кој почнува на 1 / 14 август, а завршува на 15 / 28 август, на денот на Успението Богородично. Постиме, бидејќи според преданието на Црквата и самата Богородица постеше 15 дена пред нејзиното Успение. Штом таа постела за својата душа, колку ли повеќе треба ние да постиме за нашите души? Овој пост е строг. Риба се јаде само на празникот Преображение Господово (6 / 19 август).

Разрешување на постот

Во одредени периоди на годината, Црквата предвидува да не се држи пост, и тогаш и во среда и петок не се пости. Тоа се следниве периоди:

  1. Од Божик до Богојавление, со исклучок на Водокрст, денот пред Богојавление.
  2. Светлата Седмица, односно седмицата по Велигден.
  3. Духовденската Седмица, односно седмицата од Духовден до неделата на сите светители.
  4. Во неделата на митарот и фарисејот, третата недела пред почетокот на Великиот Пост.
  5. Во сирната седмица, односно седмицата пред почетокот на Великиот Пост.
Сподели на твитер
днсМарт 2024
П117
С218
Н319
П420
В521
С622
Ч723
П824
С925
Н1026
П1127
В1228
С1329
Ч141
П152
С163
Н174
П185
В196
С207
Ч218
П229
С2310
Н2411
П2512
В2613
С2714
Ч2815
П2916
С3017
Н3118
Строг пост
Масло
Риба

Без месо
Пост
Не се пости

Правило на постот за денес:
Строг постСтрог пост
текстови

Што е тоа пост и зошто постиме?
Што е именден и зошто го славиме?
стрип
Кое е значењето на моето име и кога ми е именден?
Внеси го името
или најави се со Facebook
Список на православни имиња
Испратете честитка за именден
6
стар
стил
Март
19
Март
нов
стил
Вто., Велик Пост. Строг пост.
Мч-ци 42 во Амореја (845); Преп. Аркадиј Кипарски (361)
денови.мк
Поставете православен календар на Вашиот сајт, клик за кодот.

Поуки
од Светите Отци

Гревот го прави човек ранлив, а животот по Христа го прави смел.

Св. Јован Златоуст
За статуите, VIII.2

Читајте ги поуките од Светите Отци на Вашиот мобилен телефон, и кога немате интернет. Бесплатната програма е достапна тука.
Денови.мк
Facebook app privacy policy
© Денови.мк