Преподобниот маченик Макариј Солунски
14 септември (по стар стил)
Ученик на светиот патријарх Нифонт, во времето кога овој пребиваше во подвиг на безмолвие во манастирот Ватопед. Макариј жеднееше по мачеништво заради Христа и испроси благослов од свети Нифонт за тоа. Патријархот беше прозорлив и виде дека тоа ѝ е угодно на Божјата волја, па му го благослови маченичкиот подвиг. Макариј отиде во Солун и сред една толпа Турци почна да зборува за Христос како за единствен вистинит Бог. Турците го натепаа и го фрлија во затвор. Кога го изведоа на суд, Макариј им викна на Турците: „О, кога вие би ја познале вистината и би се крстиле во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!“ Турците му ја отсекоа главата во 1527 година. Во тој миг свети Нифонт со духот го виде од Ватопед и му објави на еден монах: „Знај, чедо, дека твојот брат Макариј денес заврши маченички и дека се вознесува на небото торжествувајќи и радувајќи се во Господа.“ По неговите молитви и ние да се удостоиме со блаженство.