Светите Јулијан и Дидим Слепецот

18 октомври (по стар стил)

Свети Јулијан наречен Пустиник беше Персиец и селанец без школо, но заради чистотата на своето срце беше сад исполнет со благодатта на Светиот Дух. Се подвизуваше покрај Еуфрат во Месопотамија. Имаше дар на прозорливост. Во мигот кога загина Јулијан Отстапник, Свети Јулијан тоа го проѕре со духот и им го објави на учениците. Неговиот современик, свети Дидим Слепец во Александрија, исто така ја проѕре со духот погибелта на Јулијан: беше на молитва ноќе кога му дојде глас од небото: „Денес загина царот Јулијан; извести го за тоа патријархот Атанасиј.“ Свети Антониј Велики многу го уважуваше овој чудесен слепец Дидим, којшто имаше прозорлив дух и навраќаше кај него кога од пустината одеше за Александрија; и заедно Му се молеа на Бога. Овие двајца прекрасни слуги Господови, светите Јулијан и Дидим, се упокоија по 362 година.