Светите маченици Виктор и Стефанида

11 ноември (по стар стил)

Виктор беше роден римјанин, а по занимање војник, во време на владеењето на императорот Марко Аврелиј (161-180). Кога императорот почна да ги гони христијаните, Виктор одби да принесе жртва на боговите, а тоа задолжително жртвопринесување беше проверка на предаденоста на војниците кон боговите, императорот и татковината. Светиот Виктор беше предаден на мачење, но после сите измачувања остана неповреден. Со силата на молитвата тој го победи маѓесникот, кој од тој час се откажа од маѓесништвото и стана христијанин. По молитвите на светителот прогледаа војниците кои ненадејно ослепеа. Гледајќи ги сите чудеса кои се јавија од Господа преку Виктор, младата сопруга на еден од мачителите, Стефанида, отворено го прослави Христа, заради што беше сурово казнета: нозете ѝ ги заврзаа за две оптегнати палми. Кога дрвата се исправија ја растргнаа маченичката на два дела. Светиот Виктор го обезглавија. Мачениците пострадаа во Дамаск каде што потоа беа погребани.