Света Урсула Келнска

21 октомври (по стар стил)

Светата Урсула беше ќерка на кралот Корнубиј, кој владееше на територијата на денешна Шкотска. Беше воспитана во христијанската вера и се одликуваше со многу добродетели, а кога порасна ја красеше и телесна убавина. Кога военоначалникот Максим, во 383 година, ја освои Британија и се прогласи за император, за да ја засили својата власт, сакаше да основа римска колонија во Галија. За таа цел, избра многу девојки од Британија кои требаше да се омажат за неговите војници, и да се населат во Галија. Помеѓу избраните девојки беше и светата Урсула. Беа пратени со брод до Бретања, но заради бура, наместо тоа, тие пристигнаа до устието на реката Рајна, од каде што пловејќи по реката стигнаа до Келн. Во тоа време Келн беше под опсада на хуните, кои ги нападнаа девојките за да ги осквернат, но тие мажествено им се спротивставија, поради што беа убиени. После убиството на девојките, хуните видеа како огромна војска се готви да нападне на нив, ги обзеде голем страв и побегнале. Од тоа време жителите на градот Келн ја сметаат светата Урсула за своја заштитничка.