Светиот маченик Уар

19 октомври (по стар стил)

Беше римски офицер во Египет и притоа потаен христијанин. Кога седуммина христијански учители беа фрлени во затвор, Уар ги посетуваше во затворот, ги снабдуваше со потребното и им служеше усрдно. Им се восхитуваше на мачениците и жалеше што и тој од страв не може да стане маченик за Христа. Но, оние Божји луѓе го охрабрија, па и Уар реши и самиот да појде со нив на маки. Еден од тие Божји луѓе се упокои во затворот. Кога нечестивиот кнез ги изведе мачениците пред себе и виде дека се шест, запраша каде е седмиот. Уар извика дека самиот е седмиот. Тогаш разјарениот кнез прво го зеде и го мачеше Уар. Нареди и го биеја гол со суви стапови; потоа го заврзаа за едно дрво и со ножеви му сечеа парче по парче од месото, додека не ја предаде светата душа на Господа. Неговото тело го фрлија на ѓубриште. Некоја жена, Клеопатра, родум од Палестина и вдовица на некој офицер, се најде тука со нејзиниот син Јован. Тајно ги зеде моштите на свети Уар од ѓубриштето и ги погреба во својот стан. Потоа измоли од кнезот дозвола да може да го пренесе од Египет во Палестина телото на својот упокоен маж. Како на офицерска жена кнезот тоа веднаш ѝ го дозволи. Но, блажената христијанка Клеопатра не го пренесе телото на својот маж, туку моштите на светиот маченик Уар. Таа ги однесе овие свети мошти во своето родно село Едра близу Тавор и таму чесно ги погреба. Потоа на свети Уар му подигна и храм. Светиот маченик често ѝ се јавуваше од оној свет, светол како ангел Божји.