Свети Јаков Постник
4 март (по стар стил)
Живееше во 6 век. Толку се усоврши во богоугодниот живот, што со молитва ги лечеше најтешките болести. Но, непријателот на човечкиот род наведуваше врз него силни искушенија. Така, еднаш едни подбивачи испратија кај него една развратна жена. Таа се преправаше пред него и плачеше, а го навлекуваше на грев. Гледајќи дека ќе падне во грев, Јаков ја стави својата лева рака во оган и ја држеше сè додека не се испече целата. Кога го виде тоа жената се исполни со страв и ужас, се покаја и го поправи својот живот. Но, во друга прилика, тој не му одолеа на искушението, и падна во грев со една девојка којашто родителите ја донесоа кај него како безумна, за да ја исцели од лудилото. Тој навистина ја исцели, но потоа згреши со неа и за да го скрие гревот ја уби и ја фрли во реката. Тоа не е чудно, од гревот на блудот до гревот на убиството нема многу. По ова, Јаков се покаја и се насели во еден гроб, каде поживеа десет години. Еднаш, во време на голема суша од која страдаа и луѓето и животните, по неговите молитви падна дожд и по тоа позна дека Бог му го прости гревот. Овој пример е сличен на Давидовиот: свирепиот зол демон по Божјо допуштение може да ги собори и најголемите духовни џинови, но искреното покајание го привлекува Божјото милосрдие, а најголемите гревови биваат простени тогаш кога грешникот самиот си наложува сесрдна казна за гревот, којашто ги опфаќа сите длабочини на неговото битие.