Светиот маченик Варвар
6 мај (по стар стил)
Варвар беше војник во времето на Јулијан Отстапник. Кога царскиот војвода Вакх ја поведе римската војска против Франките, во таа војска беше и Варвар, потаен христијанин. На боиштето се појави некој си јунак од страна на Франките, сличен на Голијат, и ги предизвикуваше Римјаните за да му излезе некој на мегдан. Војводата Вакх го посоветува Варвар тој да излезе. Варвар Му се помоли во своето срце на живиот Бог, излезе и го победи оној џин. Од тоа војската на Франките се збуни и побегна. Тогаш војводата направи голема веселба и нареди да им се принесат жртви на идолите. Но, на тоа жртвопринесување дозна дека Варвар седи настрана. Кога го праша за тоа, Варвар изјави дека е христијанин. Војводата му јави на царот, а царот нареди Варвар да биде ставен на најтешки маки. Но Варвар поднесе сè со ретка храброст и присебност. При неговото мачење се покажаа многубројни чуда, а гледајќи го тоа, мнозина војници ја примија Христовата вера. Меѓу овие беше и самиот војвода Вакх, со Калиј и Дионисиј. Сите тројца беа убиени со меч за името Христово, а после нив и Варвар, во 362 година. Нивните души се преселија во Царството на Христос, бесмртниот Цар.