Преподобен Теодосиј Киево-Печерски

3 мај (по стар стил)

Од најрана младост ги одбегнуваше смеата и веселбите и се предаваше на молитва и богомислие. За ова мајка му често го тепаше, а особено откако еден ден здогледа дека носи железен појас по голото тело, од што имаше крв на кошулата. Бидејќи тој еднаш ги прочита во Евангелието зборовите на Спасителот „кој го љуби татка си или мајка си повеќе од Мене не е достоен за Мене“, Теодосиј го напушти родителскиот дом и побегна во Киевската пештера кај Преподобниот Антониј. Свети Антониј го прими и наскоро го замонаши. Кога мајка му го најде и почна да го бара да се врати, тој ја посоветува, па и таа се замонаши во еден женски манастир. Со неговиот подвиг, со кротоста и добрината, Теодосиј набрзо ги надмина сите монаси и му стана мошне мил на Антониј, којшто го постави за игумен на манастирот. Во негово време, манастирот многу се намножи, се соѕидаа цркви и келии и во целост се воведе Студитскиот устав. Заради неговата девствена чистота, заради преголемиот молитвен труд и љубовта кон ближните, Бог му подари на Теодосиј голема благодат и тој Божји човек имаше голема моќ над нечистите духови, исцелуваше болести и гледаше во човечките судбини. Свети Антониј и Свети Теодосиј се сметаат за основачи и устроители на монаштвото во Русија. Свети Теодосиј се упокои мирно во 1074 година. Неговите целебни мошти почиваат покрај моштите на Свети Антониј.