Свети Анијан епископ Александриски

25 април (по стар стил)

Кога светиот апостол Марко стапна од коработ на копното на Александрија, обувката на едната нога му се расцепи. Тогаш виде еден чевлар и му ја даде обувката на поправка. Шиејќи, чевларот си ја прободе со шилото левата рака и почна да му тече крв, а тој офкаше од болка. Тогаш Божјиот апостол замеси прав со својата плунка и ја намачка ранетата рака на чевларот, по што таа веднаш стана здрава. Чевларот се восхити од ова чудо и го покани Марко во својот дом. Кога ја слушна проповедта на апостолот, Анијан (така му беше името), се крсти тој и сиот негов дом. Свети Анијан покажуваше толкаво благочестие и ревност за Божјото дело, што апостолот Марко го ракоположи за епископ. И овој свет човек беше вториот епископ на александриската Црква.