Светите маченици Пасикрат и Валентин

24 април (по стар стил)

Мачениците Пасикрат и Валентин потекнуваа од Мизискиот град Доростол и беа војници при управникот Авсолан. Пасикрат имаше 22 години, а Валентин 30. Кога почна прогонот на христијаните, мачениците Пасикрат и Валентин отворено ја исповедаа верата Христова. На судењето маченикот Пасикрат го плукна идолот на Аполон, одбивајќи да му принесе жртва. Братот на свети Пасикрат плачеше и го наговараше само привидно да принесе жртва на идолите. Но, маченикот во жртвениот оган ја положи својата рака и рече: „Телото е смртно и оган го изгорува, но душата е бесмртна и ги презира видливите маки“. Маченикот Валентин исто така ја искажа својата подготвеност да пострада за Христа. Кога мачениците ги водеа за да ги казнат, зад нив одеше мајката на свети Панкратиј и го советуваше синот да не се плаши да умре за Христа. Обајцата маченици беа посечени со меч.