Светиот маченик Јован Нови Јанински

18 април (по стар стил)

Родум од Јанина, некогаш престолнина на царот Пир. Кога неговите сиромашни родители умреа, младиот Јован се пресели во Цариград и таму го продолжи својот занает. Не многу пред тоа, Турците го освоија Цариград и многумина христијани од страв се одрекоа од Христа и примија ислам. Продавницата на Јован беше токму меѓу овие потурчени. Колку што повеќе тој гореше од љубов кон Господа Христа толку посилно се изразуваше како христијанин меѓу предавниците на Христа. И почна да се препира со нив за верата, а најпосле и да ги укорува за предавството. Тие тогаш го одвлекоа на суд и лажно го обвинија дека божем порано го примил исламот, но повторно се вратил во христијанството. Откако го мачеа и биеја со стапови и со железни шипки, го фрлија в затвор. Другиот ден, беше Велигден, повторно го поведоа на мачење, а Јован излезе радосно пеејќи: „Христос воскресна од мртвите!“ На своите мачители храбро им рече: „Правете што сакате за поскоро да ме испратите од овој краткотраен земен живот во животот вечен: јас сум роб Христов, Христа Го следам, за Христа умирам, за да живеам со Него!“ По ова го врзаа во синџири и го одведоа да го запалат. Кога го виде големиот оган подготвен за него, свети Јован самиот потрча и скокна во пламенот. А неговите мачители штом видоа како скока и колку ја сака смртта, го извлекоа од огнот и го осудија на смрт со меч. Откако му ја отсекоа главата, ги фрлија и телото и главата во огнот. Подоцнам христијаните од пепелта успеаја да соберат некои остатоци од неговите чесни и чудотворни мошти и го погребаа во Великата Црква во Цариград. Свети Јован Јанински најде маченичка смрт и прими венец на Божествена слава на 18 април 1526 година.