Свети Алексеј Мечев

9 јуни (по стар стил)

Московскиот старец Алексеј Мечев е роден на 30 март 1859 година. Свети Филарет Московски му го даде името по светиот Алексеј, човек Божји. Добросрдечен, со тивок и мирољубив карактер. Иако со голема желба да стане лекар та најплодотворно да им служи на луѓето, од послушност ѝ се потчини на мајчината волја и стана свештеник. Подоцна сфати дека го најде својот вистински призив. На 1 април 1893 година беше ракоположен за свештеник и назначен на служба во храмот на свети Николај Чудотворец во Маросејка - црквичка со мала парохија. Отец Алексеј, за разлика од другите мали московски храмови, во својата црквичка воведе секојдневна богослужба. Не ја загуби ревноста ниту падна во малодушност иако осум години служеше во празна црква и другите свештеници му велеа дека напразно се труди. Со текот на времето се расчу низ Москва дека во Маросејка може секој ден да се исповедаш и причестиш. Намачените, обременетите со животни проблеми, паднатите луѓе поитаа во црквичката. Од нив се пронесе глас за нејзиниот добар старешина. По смртта на сопругата, праведниот Јован Кронштадски го благослови на подвигот на старчество, за кој беше подготвен со многуте години вистински подвижнички живот. „Биди со народот, влези во туѓата мака, земи ја на себе и тогаш ќе видиш дека твојата беда е безначајна во споредба со општата“ - му рече великиот пастир. Отец Алексеј доби од Бога благодатен дар на прозорливост. Луѓето забележуваа дека му е познат сиот нивен живот, како надворешните случувања, така и внатрешните стремежи, мисли. Отецот при храмот отвори основно црковно-парохиско училиште и прифатилиште за сирачиња и деца на сиромашни. Во текот на 13 години беше и вероучител во приватна женска гимназија. Благослови свое духовно чедо да иконописа и на тој начин помогна во возобновувањето на стариот руски иконопис, веќе неколку векови заборавен. Проповедите му беа прости, искрени, не се одликуваа со красноречивост. Кажаното ги трогнуваше срцата со длабочината на верата, справедливоста, сфаќањето на животот. Современите оптински подвижници му беа духовни пријатели; московјаните кои доаѓаа кај нив ги праќаа кај светиот старец, нему велејќи му дека во подвигот што ги надминува човечките сили - долгите и ревносни служби, бескрајните редици за исповед и Причест - обилно е поткрепен од Бога. Светиот патријарх Тихон му го довери делото на обединување на московскиот клир. Старецот мирно се упокои на 22 / 9 јуни 1923 година. По десет години, кога заради затворањето на гробиштата останките на отец Алексеј требаше да бидат пренесени на други гробишта, се откри дека телото му е нетлено. Во 2000 година старецот Алексеј беше вброен во Соборот на Светите. Моштите му беа пренесени во црквичката на свети Николај во Маросејка.