Свети Колумба Јонски, просветител на Шкотска

9 јуни (по стар стил)

Потекнува од кралски род. Уште како дете беше воспитуван во христијанската вера. Кога порасна, се насели во манастирот на свети Финтан, каде што живееја и се подвизуваа многу прочуени старци од Ирска. Додека живееше во Ирска, Колумба основа неколку манастири. Во 561 година започна крвавата битка меѓу Врховниот ирски владетел Диармајд и полубратот на Колумба, Ајнмир, кој управуваше со северен Олстер. Ајнмир и неговите сојузници победија, по молитвите на светиот Колумба, а од своите редови загубија само еден војник, додека војската на Диармајд имаше загуба од 3.000 војници. Колумба основа манастир на островот Јона во 563 година, кој подоцна стана центар за христијанизацијата на Шкотска. Од тука, заедно со своите соподвижници, Колумба се упати на разни страни низ Шкотска, за да го проповеда Евангелието, градеше цркви и основаше монашки заедници, кои подоцна станаа нови центри за христијанизација. Во Шкотска помина 33 години, основа неколку манастири и ги преобрати во христијанството поголемиот дел од северните и јужните Пикти.