Светиот свештеномаченик Лукијан

3 јуни (по стар стил)

Римјанин, познат по своето благородничко потекло, по богатството и ученоста. Некое време беше ученик на светиот апостол Петар. Подоцна, папата Климент го испрати заедно со Дионисиј Ареопагит во Галија, заради проповед на Евангелието, откако претходно го ракоположи за епископ. Лукијан многу ревносно ја сееше Христовата наука најпрво ширум Галија, а потоа и во Белгија. Кога злобниот цар Доментијан почна да ги прогонува христијаните, од Рим во Галија беше испратена специјална потера за да ги побара и да ги фати сите христијански мисионери. Тие прво го фатија и го убија свети Дионисиј, а потоа тргнаа да го бараат и свети Лукијан. Го најдоа во Белгија, заедно со неговите помошници, презвитерот Максијан и ѓаконот Јулијан, па на едно место ги убија овие двајцата, а на друго го заклаа Лукијан. Откако му ја исекоа главата, мртвото тело на Лукијан се дигна од земјата, ја зеде својата глава со рацете (слично како телото на свети Дионисиј, а и на Свети Јован Владимир) и така отиде до она место каде што сакаше да биде погребан. Овде падна и го погребаа. Над неговите мошти подоцна изградија црква.