Преподобен Јустин Ќелиски

1 јуни (по стар стил)

Роден во Врање на Благовештение 1894 година, од родители со потекло од Македонија. Заврши богословија и, во текот на Првата светска војна, се замонаши. Студираше во Грција и во Англија, а кратко време и во Русија. Беше професор во Карловачката богословија, а потоа во Призренската и Битолската богословија за најпосле да стане професор на Богословскиот факултет при Белградскиот Универзитет. По Втората светска војна, им пречеше на новите комунистички власти, па беше апсен, сослушуван, малтретиран и на крај прогонет во манастирот Ќелије, кај Ваљево, од каде не смееше да излегува. Таму се оддаде на молитвен и подвижнички, но и творечки живот. Бројните теолошки трудови на авва Јустин (околу 40 тома), освен догматика и егзегетика, опфаќаат области од патристиката, аскетиката, литургиката, како и теми од христијанската философија и особено од православната антропологија и од на православието заснованата философија на културата. Се смета за еден од најголемите богослови во 20 век. Имаше дар на плач и секоја Литургија ја поминуваше со обилни солзи, спомнувајќи стотици имиња на живи и упокоени. Се упокои на истиот ден кога е и роден – Благовештение 1979 година, затоа неговиот спомен се слави на 1 јуни, на денот кога се слави споменот на неговиот небесен заштитни, светиот Јустин Философ.