Преподобниот маченик Дамаскин Габровски, Светогорец

16 јануари (по стар стил)

Роден во Габрово, близу Трново, Бугарија. Се замонаши и се подвизуваше во Хиландар, каде што стана и игуман. Еднаш, кога беше отиден во хиландарскиот метох во Свиштово, на некои Турци им го побара манастирскиот долг. Тие, пак, наговорија една жена муслиманка и таа влезе во куќата кај што живееше Дамаскин. Тогаш Турците влегоа и ја најдоа жената, па го одвлечкаа Дамаскин кај кадијата. Таму му беше предложено или да биде обесен или да се потурчи, на што тој одлучно рече: „Би била лудост кога со привремениот живот би си купувал вечна погибел“. Го обесија на 16 јануари 1771 година. Го жртвуваше телото за да си ја спаси душата. Неговите убијци веднаш ги постигна Божја казна. Седнаа на чун да се превезат преку Дунав, но ненадејна бура им го преврте чунот и се удавија.