Празник на иконата „Млекопитателница“ (млекохранителка)

12 јануари (по стар стил)

Така се вика иконата на Пресвета Богородица којашто светиот Сава Српски ја донесе од манастирот на свети Сава Освештен, кој се наоѓа близу до Јерусалим, и ја положи во својата испосница во Кареја, на Света Гора. На тој начин се исполни пророштвото на свети Сава Освештен, изречено осумстотини години претходно: дека ќе дојде некој свештеник од далечна земја, кој ќе има исто име како неговото - Сава, и дека на тој Сава треба да му ги предадат иконата Млекопитателница и жезолот на свети Сава Освештен. Кога свети Сава Српски ја посети обителта на свети Сава Освештен, жезолот падна од своето место, што беше знак дека тој е оној Сава за кого пророкувал основачот на светата обител, та му ги предадоа и иконата и жезолот. Оваа икона е поставена на десната страна од царските двери во испосницата, а жезолот се наоѓа во една келија, наречена Патерица, исто така во Кареја.