Свети Теофан Затворник

10 јануари (по стар стил)

Со својот живот Епископот Теофан потсетува на многумина велики Отци и учители на древната христијанска Црква. Таков суд неодоливо наметнува неговиот морален и аскетски живот, неговата длабока и силна богословска мисла, искажана во пишаните - објавените дела. Роден е во 1815 година во село Чарновскоје (Орловска губернија) во Русија, од татко свештеник, и мајка од свештеничка фамилија. Завршува семинарија, а потоа и духовна академија. Се замонашува за време на студиите, а подоцна е ракоположен за епископ Тамбовски и Шацки. После дваесетипетгодишното служење на Црквата на разни начини, Епископот Теофан одлучува да го оствари својот монашки идеал така што се повлекува во пустина и потполно се откажува од овој свет и обврските во него. Ги прекина допирите со луѓето и престана да оди во манастирскиот храм на богослуженија, затворајќи се во посебно катче на пустинските престојувалишта, поради што е и наречен Затворник. Во своето престојувалиште направи мала црква, посветена на Крштението Господово, во која последните единаесет години секојдневно служеше Света Литургија. Така тој својот затворнички живот го помина во општење со Бог преку молитвата, читање и пишување. Големиот праведник Бог го пресели на оној свет во 1894 година, на денот на Крштението Господово.