Блажениот Теофилакт, архиепископ Охридски

31 декември (по стар стил)

Тој е роден на островот Евија, а воспитан е во Цариград, кај најпрочуените учители на тоа време. Како клирик на Великата Црква, против неговата волја го избраа за епископ и го испратија во Охрид, каде што помина околу дваесет и пет години (отприлика од 1082 до 1108 година). Хоматијан Охридски го нарекува „најмудриот епископ“. Човек со огромно образование, светско и богословско, со префинет византиски вкус, меланхоличен и чувствителен. Меѓу Словените на Балканот Теофилакт се чувствувал како прогонет меѓу варвари. Напишал толкувања на сите четири Евангелија и на другите книги на Новиот Завет. Тие се најдобро дело од тој вид после оние на свети Јован Златоуст, па денес се мошне скапоцени и корисни. Од останатите негови дела уште се познати „Писмата“ и „Житието на Свети Климент Охридски“. На старост Теофилакт се повлече од Охрид во Солун, каде, како што се мисли, го завршил животот и преминал во блажената вечност.