Маченичка Домна Никомидиска и со неа Гликериј презвитер, Зинон, Теофил ѓакон, Доротеј, Мардониј, Мигдониј ѓакон, Индис, Горгониј, Петар, Ефтимиј, маченички Агатија, Теофила и други

28 декември (по стар стил)

Домна беше девица и жреца на скверните идоли на дворецот на царот Максимијан. Откако од некаде ги прочита Делата Апостолски, поверува во Христа и се крсти од епископот Кирил во Никомидија, заедно со евнухот Индис. Свети Кирил ја упати во женски манастир, каде што игуманија беше блажената Агатија. Но, кога царот почна да трага по неа, Агатија ја преоблече во машка облека и ја испрати во машки манастир. Во тоа време во црква беа изгорени дваесет илјади христијани, на заповед на царот Максимијан. Веднаш потоа, по наредба на царот, Светите Индис, Горгониј и Петар беа фрлени во морето откако претходно им обесија камења на вратовите. Војводата Зинон којшто јавно го изобличи царот за идолопоклонство беше заклан; свети Теофил, ѓаконот на епископот Антим, го убија со камења и со стрели. Игуманијата Агатија, монахињата Теофила и големците Доротеј, Мардониј, Мигдониј и Ефтимиј, сите ги погубија заради Христа. Една ноќ, Домна одеше по морскиот брег и ги виде рибарите како фрлаат мрежи во морето. Во тоа време таа посебно тагуваше по Свети Индис. Рибарите ја повикаа да им помогне и таа појде, а по Божја Промисла во мрежата извлекоа три човечки тела. Во нив Домна ги позна светите Индис, Горгониј и Петар, ги зеде нивните тела и чесно ги погреба. Кога дозна царот дека некое момче ги чува и ги кади гробовите на христијанските маченици, нареди да го убијат со меч. Ја фатија и ја убија Света Домна, која стекна маченички венец во Царството Божјо, заедно со мачениците.