Свети праведен Јован Кронштатски

20 декември (по стар стил)

Роден е во 1829 година, во најсеверната област на Архангелск, недалеку од Белото море, во сиромашната населба Сура, оскудната и мрачна околија Пинеги. Поради страв дека веднаш ќе умре, веднаш е крстен, со името Јован, во спомен на свети Јован Рилски. Кога тргна на училиште, и покрај сета трудољубивост, на Јован му недостигаше способност да сфаќа и памети. Во својата неволја Јован прибегнал кон молитва. „Ноќе се молев Господ, за утеха на моите родители, да ми го просветли разумот. И Господ ме послуша. Од тоа време, мојот напредок во училиштето беше за сите очигледен. На крајот од годината, како еден од најдобрите ученици, бев упатен во Богословија.“ Следните десет години Јован ја посетуваше Богословијата и трудољубиво учеше. За свештеник го ракоположи Владиката Христофор, на 12 декември 1855 година, во Петроград, а потоа, премина кај својот дедо во Кронштат, да му помага во соборниот храм на свети Андреј. Отец Јован живееше за својот свештенички повик. Тој ги следеше заповедите Божји, секој ден доброволно вршеше богослужение, држеше веронаука и постојано им помагаше на оние што се во неволја. Во 1874 година отец Јован основа друштво „Братството на свети Андреј“ за згрижување и помош на сиромасите. Кај отец Јован се пројави Божјиот дар на чудотворно лекување, па многумина со тешки болести му се обраќаа за помош и добиваа исцеление. За малку години Кронштат стана поклоничко место, каде што дневно доаѓаа на стотици, па и илјадници луѓе од цела Русија. Отец Јован во деведесеттите години основа четири женски манастири. До својата 75-та година отец Јован непрекинато ја извршуваше свештеничката служба. Света Литургија служеше речиси секој ден, секого го примаше, посетуваше болни, се грижеше за своите општествени установи, спроведуваше добротворни акции, пишуваше беседи и дневник. Децении спиеше еден до два часа на ден. Најпосле неговите телесни сили ослабнаа и тој се разболе. Се упокои мирно на 20 декември 1908 година после Светата Литургија, откако се причести со Светите Тело и Крв Христови. По неговата смрт се умножуваа сведоштвата за неговото благодатно дејствување. Врвните пастири на Руската Православна Црква беа согласни дека отец Јован е Божји праведник. Но, неговата канонизација не можеше да се изврши поради богоборниот режим во Русија. Единствено архиепископот Андреј Ухтомски во деведесеттите години кришум составил акатист за неговото прославување. Руската Задгранична Црква во 1964 година ја објави неговата канонизација.