Преподобен Варлам и Светиот принц Јоасаф
19 ноември (по стар стил)
Индиски подвижници. Јоасаф беше принц, син на царот Авенир. По Божја Промисла него го посети старецот Варлам, го научи на верата Христова и го крсти. Потоа старецот се оддалечи во планината на подвиг, а Јоасаф остана да се бори со многубројните искушенија во светот и со благодатта Божја да ги победува. Најпосле Јоасаф успеа да го приведе кон Христа и својот татко. Откако се крсти царот Авенир поживеа четири години во големо покајание - зашто направи големи гревови гонејќи ги христијаните - па потоа го заврши својот земен живот и замина во бесмртниот. Младиот Јоасаф царството му го предаде на својот другар Варахиј, а самиот замина во пустина на подвиг на христијанско восовршување. Единствена желба на земјата му беше уште еднаш да се види со старецот Варлам. И милостивиот Бог му ја исполни желбата, па еден ден Јоасаф застана пред пештерата на Варлам и извика: „Благослови, оче!“ Старецот Варлам се подвизуваше во пустината седумдесет години, а поживеа сè на сè сто години. Свети Јоасаф го остави царството во својата дваесет и петта година, тогаш замина во пустината, во којашто поживеа триесет и пет години. Обајцата имаа голема љубов кон Господ Исус, мнозина ги обратија во вистинската вера и се преселија во вечната радост на својот Господ.