Неракотворната икона на Господ Исус Христос

16 август (по стар стил)

Во она време кога Господ го проповедаше Евангелието и исцелуваше секаква болест и мака кај луѓето, во градот Едеса, на брегот на реката Еуфрат живееше кнезот Авгар, сиот прокажан од лепра. Тој чу за Христа, исцелителот од сите болести и неволји, па испрати некој иконописец Ананија во Палестина со писмо за Христос, во кое Го молеше Господ да дојде во Едеса и да го исцели. Во случај Господ да не може да дојде, му нареди кнезот на Ананија да го иконописа Неговиот лик и да му го донесе, верувајќи дека тој лик ќе му го поврати здравјето. Господ одговори дека не може да дојде, зашто се приближуваше времето на Неговото страдање. Но, Самиот зеде крпа, го избриша Своето лице од неа и врз крпата совршено се впиша Неговиот пречист лик. Таа крпа му ја предаде Господ на Ананија, со порака дека од неа кнезот ќе се исцели, но не сосема, заради што Он нему ќе му испрати подоцна пратеник којшто ќе го избрише и остатокот од неговата болест. Кога ја прими крпата кнезот Авгар ја целива и лепрата падна од неговото тело, но му остана малку на лицето. Подоцна, проповедајќи го Евангелието, кај Авгар дојде апостолот Тадеј, тајно го исцели и го крсти. Тогаш кнезот ги искрши идолите што стоеја на градската порта и над портата ја стави онаа крпа со Христовиот лик, откако претходно ја залепи на дрво и ја вглави во златна рамка накитена со бисери. Уште кнезот под иконата на портата го напиша и ова: „Христе Боже, никој којшто се надева на Тебе нема да се посрами.“ Подоцна еден од правнуците на Авгар го обнови идолопоклонството. И епископот на тој град дојде ноќе и ја заѕида иконата над портата за да ја заштити од уништување. Оттогаш поминаа векови. Во времето на царот Јустинијан Едеса беше нападната од персискиот цар Хозрој и градот беше во голема неволја. Тогаш епископот Евлавиј имаше видение на Пресвета Богородица, Која му ја јави тајната за заѕиданата и заборавена икона. Ја пронајдоа иконата и со нејзината сила персиската војска беше победена.