Свети Тихон Задонски
13 август (по стар стил)
Го викаат и Вороњежски. Роден е во селото Короцка во Новгородската губернија, во 1724 година, во прост селански дом. Во неговата триесет и четврта година прими монашки чин и заради неговите подвизи и големата духовна мудрост добиваше сè поголема и поголема служба, дури најпосле не го ракоположија за епископ Вороњежски. Епископствуваше неполни пет години, а потоа заради слабото здравје се повлече во Задонскиот манастир. Се упокои мирно, во 1783 година, во Задонск, каде што неговите чудотворни мошти почиваат и сега. Голем подвижник на Црквата во Русија, редок пастир, молитвеник и творец на прекрасни духовни дела. По својата мудрост, светост и подвиг може да се споредува со големите отци на Православната Црква од древните времиња. Заради многубројните посведочени чуда над неговите мошти, за светител е прогласен најпрво од народот, а потоа и од официјалната Црква, во 1861 година.