Светите маченици: архиѓаконот Лаврентиј, папата Сикст и другите со нив
10 август (по стар стил)
Кога загина папата Стефан (15 август), на негово место беше поставен свети Сикст, кој беше роден како атињанин и најпрво беше философ, а потоа го прими христијанството. Во тоа време римските епископи гинеа еден по друг, така што да се стане епископ во Рим значеше да се биде предаден на смрт. Царот Декиј беше решен да го уништи христијанството и папата Сикст набрзо беше изведен на суд заедно со неговите двајца ѓакони Феликисим и Агапит. Кога ги поведоа во затвор, архиѓаконот Лаврентиј му рече на папата: „Каде одиш, отче, без синот? Каде архијереју без својот ѓакон?“ Папата го утеши прорекувајќи му дека тој и уште поголеми маки ќе претрпи заради Христа наскоро и ќе појде по него. И навистина, штом го заклаа Сикст и оние негови двајца ѓакони, беше фатен и Лаврентиј. Претходно тој ги уреди сите свои и црковни работи. Како црковен ризничар и економ, сите црковни скапоцености ги пренесе во домот на некоја вдовица Киријакија. Во таа прилика ја исцели Киријакија од некоја тешка главоболка со допирот на раката, а на слепецот Крискент му го врати видот. И кога го фрлија во затвор, го исцели од слепило тамошниот долгогодишен затвореник Лукилиј и потоа го крсти. Штом го виде тоа се крсти и затворскиот стражар Иполит, којшто потоа и самиот пострада за Христа (26 август). Бидејќи Лаврентиј не сакаше да се одрече од Христа, туку уште и го советуваше царот Декиј тој да се откаже од лажните богови, по лицето го тепаа со камења, а по телото со скорпион, еден вид синџир со остри запци. Некој војник Роман, присутен на мачењето, поверува во Христа и беше веднаш убиен заради тоа. Најпосле, Лаврентиј го положија гол во железна леса и наложија оган. Дури се печеше на огнот Му благодареше на Бога и го исмеваше царот за неговото незнабоштво. Откако маченикот ја предаде неговата чиста и храбра душа на Бога, Иполит тајно го зеде неговото тело ноќе и најпрво го однесе во домот на Киријакија, а потоа во една пештера, каде што чесно го погреба. Свети Лаврентиј и останатите пострадаа во 258 година.