Преподобниот маченик Евстратиј Печерски

28 март (по стар стил)

Беше многу богат, но заради љубовта Христова го раздаде сиот имот, стапи во Печерскиот манастир и се замонаши. Кога Пољаците завојуваа со Киев во 1097 година, го ограбија манастирот, многумина христијани и монаси ги убија, а Евстратиј со уште неколкумина верни го продадоа во ропство на некој Евреин во градот Корсун. Овој Евреин ѝ се потсмеваше на христијанската вера и ги принудуваше христијаните да преминат во еврејската вера. Кога видоа дека нема друг излез, решија самите себеси да се усмртат со глад, но од вистинската вера да не се одречат. На оваа одлука христијаните ги охрабри свети Евстратиј. И сите умреа од глад, некои после три дена, други после четири, а некои по седум дена. Навикнат на пост Евстратиј остана во живот сам и издржа четиринаесет дена без храна. Евреинот разгневен што му пропаднаа парите со коишто ги купи овие робови, му се одмазди на свети Евстратиј со тоа што го прикова на крст. На крстот Евстратиј Му заблагодари на Бога, а на Евреинот му прорече лута и рана смрт. Бесен од лутина, Евреинот го прободе со копје. Така овој светител Му ја предаде својата душа на Бога. Телото му го фрлија во морето, но тоа исплива и над него се случија големи чуда. Набрзо по ова, византискиот цар нареди казна за Евреите во Корсун за нивната злоба кон христијаните. Мачителот на свети Евстратиј тогаш го обесија на дрво.