Денес се врши заеднички спомен на оптинските старци, кои се празнуваат и одделно, во различни денови. Соборот на преподобните старци го сочинуваат 14 светители: 1) Лав (Наголкин), јеромонах, (1768-1841) – основач и вдахновител на оптинското старчество. Човек со непоколеблива вера, со необична смелост, цврстина и енергија. Неговиот живот беше израз на евангелска љубов, која преминува во самоодрекувачко служење на Бога и на ближните. Со своите подвизи, непрекинатата молитва и богоподражавачкото смирение стекна обилни дарови на Светиот Дух. Чудесата извршени од него се неизброиви. Мноштво верни притекнуваа кон него за помош. 2) Макариј (Иванов), јеромонах, (1788-1860) – ученик и соподвижник на старецот Лав, по чија смрт остана духовно да раководи со манастирот. Главната добродетел на која ги воспитуваше луѓето беше смирението, кое го сметаше за основа на христијанскиот живот. Го започна изданието на светоотечките дела на руски јазик, што ги обедини најдобрите духовни и интелектуални сили во Русија. Со старецот се среќаваше и писателот Н. В. Гогољ. 3) Мојсеј (Путилов), архимандрит, (1782-1862) – кроток старец-настојател. Се покажа извонреден пример на спој на строго подвижништво, смирение и нестекнување со мудро управување на обителта и широка благотворителна делатност. Под неговото управување беа обновени храмовите и зданијата во обителта, а ба изградени и нови. 4) Антониј (Путилов), игумен, (1795-1865) – брат и соподвижник на архимандритот Мојсеј, смирен подвижник и молитвеник кој през целиот свој живот трпеливо и мажествено го носеше крстот на телесните болести. Беше духовен раководител на скитот 14 години. Пишаните поуки на старецот се прекрасен плод на отечка љубов и дар на поучително слово. 5) Иларион (Пономарев), јеромонах, (1805-1873) – ученик и наследник на старецот Макариј. Бивајќи ревносен заштитник и проповедник на православната вера, успеа да врати во лоното на Православната Црква многумина заблудени и отпаднати од верата. Се упокои на молитва, со бројаница во рацете. 6) Амвросиј (Гренков), јеромонах, (1812-1891) – Велик старец и подвижник, чија светост и богоугодност на живеењето Бог ја посведочи со многу чудеса, а народот – со искрена љубов, почит и благоговејно обраќање во молитва. Ученик на старците Леонид и Макариј, повеќе од 30 години помина во служење на луѓето. Основаше и поткрепуваше многу манастири, а неговите писма и поуки се извор на духовна мудрост за оние кои сакаат спасение. Тој е праобраз на ликот на старецот Зосима во романот „Браќа Карамазови“ на писателот Ф. М. Достоевски кој неколку пати се има сретнато со него. 7) Анатолиј (Зерцалов), јеромонах, (1824-1894) – основач на скитот, духовен раководител не само на оптинските монаси, туку и на други манастири. Пламенен молитвеник и подвижник, имаше дар на утешение. Старецот Анатолиј за него велеше дека има таква благодат каква што се дава на еден во илјадници. 8) Исакиј (Антимонов), архимандрит, (1810-1894) – настојател на оптинската пустина, кој во себе ги спои цврстото управување со обителта и истенченото искуство на пастирско раководење со смиреното послушание и со големо подвижништво. Во храната, облеката и живеалиштето сосема им се уподоби на простотата на древните подвижници, а вратата на неговата ќелија беше постојано отворена за браќата и за сиромашните. 9) Јосиф (Литовкин), јеромонах, (1837-1911) – ученик и наследник на старецот Амвросиј. Образ на големо смирение и незлобивост, имаше непрестајна умносрдечна молитва и се удостои повеќе пати на јавувањето на Божјата Мајка. Уште дури беше жив, повеќе луѓе го имаа видено озарен со благодатна божествена светлина. Беше човек со длабоко внатрешно делање, кој секогаш го запазуваше срдечното безмолвие. 10) Варсонуфиј (Плиханков), архимандрит, (1845-1913) – основач на скитот, за кого старецот Нектариј велеше дека благодатта Божја во една ноќ од одличен војник го направила велик старец. Го исполнуваше својот пастирски долг во руско-јапонската војна. Поседуваше необична прозорливост и нему му беше откривана внатрешната смисла на настаните. Синодот на Руската Црква го испрати при одлачениот од Црквата Л. Н. Толстој, кој се наоѓаше на смртната постела, но неговите роднини не му допуштија на старецот да се сретне со писателот. 11) Анатолиј (Потапов), јеромонах (1855-1922) – од народот наречен утешител, беше обдарен од Господа со големите благодатни дарови на љубовта и утешување на страдалниците, на прозорливоста и на исцелението. Смирено го извршуваше пастирското служење во тешките денови на револуционерниот смут и безбожие, утврдувајќи ги своите духовни чеда во решителноста да останат до смртта верни на православието. 12) Нектариј (Тихонов), јеромонах, (1853-1928) – со смирението и со подвигот на непрекинатата молитва ги стекна великите дарови на чудотворство и прозорливост, кои ги криеше под видот на јуродство. Во дните на прогонот на Црквата и самиот беше прогонет, но непрестајно ги укрепуваше верните. За совет и молитвена помош му се обраќаа и прости мирјани и големи светители. 13) Никон (Бељаев), јеромонах, (1888-1931) – близок ученик на старецот Варсануфиј и пламенен молитвеник. Пастир преисполнет со љубов, кој со самоодрекување го исполнуваше старечкото служење по затворањето на Оптинската пустина. Претрпе мачења од безбожниците и го заврши животот во прогон, како исповедник. 14) Исаакиј вториот (Бобраков)), архимандрит, (1865-1938) – близок ученик на старецот Варсануфиј, исто така претрпе прогон и на крајот беше стрелан од безбожниците.
д | н | с | Октомври 2024 |
---|---|---|---|
В | 1 | 18 | |
С | 2 | 19 | |
Ч | 3 | 20 | |
П | 4 | 21 | |
С | 5 | 22 | |
Н | 6 | 23 | |
П | 7 | 24 | |
В | 8 | 25 | |
С | 9 | 26 | |
Ч | 10 | 27 | |
П | 11 | 28 | |
С | 12 | 29 | |
Н | 13 | 30 | |
П | 14 | 1 | |
В | 15 | 2 | |
С | 16 | 3 | |
Ч | 17 | 4 | |
П | 18 | 5 | |
С | 19 | 6 | |
Н | 20 | 7 | |
П | 21 | 8 | |
В | 22 | 9 | |
С | 23 | 10 | |
Ч | 24 | 11 | |
П | 25 | 12 | |
С | 26 | 13 | |
Н | 27 | 14 | |
П | 28 | 15 | |
В | 29 | 16 | |
С | 30 | 17 | |
Ч | 31 | 18 |